Палестинските власти на Западниот Брег и во Појасот Газа систематски ги мачат притворените критичари на власта и политичките противници, појави што се граничат со злосторства против човештвото, предупреди Меѓународната организација за човекови права „Хјуман рајтс воч”.
Во денеска објавениот извештај организацијата ги повикува земјите-донатори да го спречат финансирањето на палестинските безбедносни сили одговорни за таквите злосторства и се бара истрага по случаите од страна на Меѓународниот кривичен суд.
Како што е наведено во документот, палестинските безбедносни сили ги ставаат критичарите и противниците во самица, физички ги злоставуваат, ги тепаат, камшикуваат по нозете и ги принудуваат да поминуваат долги периоди во неприродна положба, со цел да ги казнат и да извлечат признание.
Извештајот е објавен на годишнината од смртта на Низар Банат, критичар на палестинските власти. Семејството Банат обвинува дека смртта е последица од претепувањето од страна на полициските сили.
Смртта на Банат предизвика протести против палестинските власти што управуваат со област на окупираниот Западен Брег. Властите насилно ги задушија протестите.
„Амнести интернешенел” минатата недела соопшти дека палестинската управа не ги смета своите сили одговорни за смртта на Банат.
Минатото лето палестинските власти уапсија 14 офицери и ги изведоа пред воен суд, но процесите засега се без судска завршница.