Француското претседателство вчера преку нашето Министерство за надворешни работи до Владата достави предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови. Според премиерот Димитар Ковачевски, во предлогот се вклучени нашите забелешки дека историските прашања и протоколот од Договорот за добрососедство не може да бидат дел од преговарачката рамка, додека според претседателот Стево Пендаровски, овој предложен документ е далеку подобар за нас од претходниот.
Францускиот претседател Емануел Макрон од Мадрид најавувајќи го предлогот изјави дека е уверен оти е постигнат добар компромисен договор за Бугарија и Северна Македонија, додека од Советот во ЕУ ги поздравија документот како „финален компромис кој одговара на преокупациите што ги изразија Бугарија и Северна Македонија”. Предлогот го поздрави лично и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел нагласувајќи дека тој го отвора патот за старт на пристапните преговори со Северна Македонија, додека според германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, тој е можност што не треба да се пропушти.
За разлика од ова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изрази резерви кон предлогот, нагласувајќи дека според информациите со кои располага партијата, во него нема ништо друго ново во однос на предлогот што циркулираше во изминатиот период во јавноста, освен два модифицирани збора.
Премиерот Ковачевски синоќа на прес-конференција во Владата информираше дека е пристигнат предлог од француското претседателство за спорот со Бугарија, по нашата интервенција во Брисел, но дека официјалните ставови по него ќе бидат соопштени откако тој ќе ги помине филтрите на сите засегнати институции. Тој не соопшти детали од предлогот, но нагласи дека во него се содржани нашите забелешки дека историските прашања и протоколот од Договорот за добрососедство не може да бидат дел од преговарачката рамка.
Ковачевски, најави дека ќе следи широк консултативен процес, со владината коалиција, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата.
– Сакам да повторам и да ги уверам граѓаните дека ние имаме план и стратегија која очигледно дава резултати. Затоа апелирам до сите политички актери и до медиумите да се воздржиме од шпекулации и да се потпираме на официјални информации од институциите. Процесот ќе биде транспарентен и ние ќе ги споделиме со јавноста релевантните детали по што ќе може да се донесе финална одлука. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани, изјави Ковачевски.
Премиерот нагласи дека предлогот ќе биде доставен до Собранието и согласно собраниските процедури ќе биде спроведен така како што е потребно, бидејќи, како што рече, Владата не може да се меша во работата на Собранието. Во однос на поддршката и консензуалното прифаќање, Ковачевски рече дека тие треба да бидат со најширок консензус, бидејќи на ваков начин правиме исчекор кон отворање на првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ.
– Првата меѓувладина конференција секогаш значи почеток на скрининг процесот, меѓутоа за деталите во однос на фазите во меѓувладините конференции од првата, па понатаму за деталите ќе информира утре вицепремиерот за евроинтеграции во чија што исклучива надлежност е овој процес, изјави Ковачевски.
Шефот на државата Пендаровски во изјава за „Сител” посочи дека не станува збор за нов предлог од Франција, туку дека „две-три места” во него имаат модификации направени во консултација со Скопје и Софија. Тој нагласи дека овој модификуван француски предлог е далеку подобар за нас од претходниот.
– Дали е тоа доволно добро засега ќе се воздржам, бидејќи сакам тоа да помине еден поширок круг на консултации. Мораме да ги искомуницираме граѓаните, луѓето, политичките субјекти затоа што знаете ние се обидуваме да направиме договор кој ќе трае. Не можеме да стоиме за договор кој не ни дава ништо во рака, а во рака мораме да имаме гаранција за македонскиот идентитет и гаранција дека никогаш јазик, националност нема да биде споменато никаде од сега, па во иднина било колку и да траат преговорите. Значи, ако тоа не го добиеме со гаранции на ЕУ, не на Софија, туку на ЕУ и на Брисел, ние не можеме да влеземе понатаму во процесот, додаде Пендаровски.
Шефот на државата информира и дека во разговори со „наши пријатели” на Самитот на НАТО му било посочено дека ако ова не го искористиме, тоа може да биде последна ваква шанса, бидејќи следната би можела да се укаже кој знае по колку години.
– Пријателски ни сугерираа да не ја повториме грешката, од 2008 година кога бевме одбиени од членство во НАТО, бидејќи немавме договор со Грција. Знаете што, и договорот со Грција беше направен од една единствена причина. Преспа го штити македонскиот национален идентитет и Преспа го цементира македонскиот јазик за цел свет. Во ОН македонскиот јазик е преведен на сите шест официјални јазици, а таа е најголема светска организација. Ако тоа не ги следи, ако идниот евентуален договор со Бугарија не ги следи овие стандарди, не јас, кој и да е претседател, министер, која и да е власт или опозиција просто не може да си дозволи луксуз да разговара за такви работи кои се утврдени децении, јас би рекол и векови наназад од нашите предци, додаде Пендаровски.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во изјава за „Канал 5″ посочи дека модифицираниот предлог на Франција ги адресира забелешките што ние ги кажавме по однос на работната верзија на францускиот предлог што беше дистрибуирана помеѓу земјите членки ЕУ, но сепак треба да се разгледа целиот пакет и сите ставови и потоа официјално да се извести Париз за следните чекори, поради што најави дека тој документ веднаш ќе биде ставен во процес на институционална консултација и увид на јавноста.
– Колку побрзо го завршиме тој внатрешен консултативен дел, толку подобро за нас по однос на самиот процес, но сепак не треба да се избрза низ чекорите. Сепак ако може да се вклопи во една подинамична агенда мислам дека тоа би било корисно, истакна Османи.
Според него, доколку го прифатиме овој француски предлог, прашање на денови е кога земјава ќе ги започне преговорите со ЕУ.
Најавата дека е подготвена нова верзија на францускиот предлог дојде од претседателот на Франција Емануел Макрон на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, кој нагласи дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија.
– За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите, изјави Макрон.
Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова”. – Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото, потенцира Макрон.
Високи дипломатски извори од Советот во ЕУ, како што јави дописничката на МИА од Брисел, брифираа дека предлогот претставува „финален компромис кој одговара на преокупациите што ги изразија Бугарија и Северна Македонија”.
– Ако предлогот биде прифатен ова ќе овозможи исчекор за кој ЕУ работи веќе две години, изјави истиот извор, посочувајќи дека доколку двете страни го прифатат документот веднаш ќе може да се усвои преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ за Северна Македонија, но и за Албанија, по што ќе може и да се свикаат првите меѓувладини конференции.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Твитер објави дека го поздравува решението на француското претседателство со ЕУ за договор што ќе го отвори патот за старт на пристапните преговори со Северна Македонија. – Решението се однесува на изразените загрижености. Најблиску сме од кога и да сме биле досега: Сега е време да се каже да, додава Мишел во твитот.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, коментирајќи го францускиот предлог истакна дека искористувањето на оваа можност е од врвен стратешки интерес и на Европската Унија и на Северна Македонија.
– Сега е време да се оди напред. Западниот Балкан е во срцето на Европа и блиску до моето срце. Нивната иднина мора да лежи во ЕУ. Компромисот што го претстави француското претседателство за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија е можност што не треба да се пропушти, објави германската министерка на својот Твитер профил.
На предлогот реагираше и албанскиот премиерот Еди Рама, кој оцени дека со него и се дава можност на земјава за безусловен пристап и го отвора патот за официјален почеток на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија. – Им велам на браќата Македонци и Албанци во Северна Македонија: Прифатете!, напиша Рама на Твитер.
Од друга страна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, синоќа изјави дека иако партијата го нема добиено, ниту видено модифицираниот француски предлог, сепак според информациите со кои располага, тој не е ништо друго освен два модифицирани збора различни од предлогот што циркулираше во изминатиот период во јавноста.
– Ако претходно имавме нокаут за македонската дипломатија, сега имаме нокаут со продолжено дејство, изјави синоќа Мицкоски по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи ја Владата да го објави предлогот на својата веб страница.
Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да прифати решение штетно за народот и за иднината на земјата и нема да прифати промена на Уставот со цел вклучувања на бугарските барања дури и по цена на неговата политичка кариера.
– Црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ се дека нема да прифатиме ниту во преговарачката рамка, ниту во било кој документ на ЕУ, македонскиот јазик да биде ништо друго освен македонски јазик, без никаква фуснота, без никакви унилатерални изјави, без никакви дополнувања, одземања или наддавања. Македонски јазик без условувања и без фусноти. Сето останато вклучително и некакви си протоколи, вклучително и Договор за добрососедство не може никако да биде дел од преговарачката рамка, рече Мицкоски.
Француското претседателство со ЕУ официјално заврши синоќа на полноќ, по што палката на раководење со Унијата ја презеде Чешка, која за време на германското претседателство ги блокираше заклучоците токму поради внесувањето на билатерални историски прашања.
Чешка, како следен претседавач со ЕУ, не е во можност да блокира ниту заклучоци, ниту преговарачка рамка, бидејќи од позиција на претседавач земјите членки не смеат да ги застапуваат своите национални интереси и ставови, туку имаат задача да градат компромис меѓу сите 27 земји. Но, дипломат од земја на ЕУ објаснува дека ставот на чешката дипломатија и нејзините црвени линии „не се изменети”.
Иако Прага не го вклучи проширувањето експлицитно во приоритетите на претседавањето, нивните дипломати уверуваат дека Западниот Балкан несомнено останува на врвот на списокот на приоритети, како и Источното партнерство, односно Украина, Молдавија и Грузија.