Министерка за одбрана, Славјанка Петровска, денеска присуствуваше на церемонијата на свеченото затворање и завршна вежба на меѓународниот „Летен кампус 2022″, што во изминатите две недели се реализираше на армискиот полигон „Криволак” и во Центарот за обука „Пепелиште”.
Летниот Кампус кој се реализира по единаесетти пат е во организација Воената академија „Генерал Михаило Апостолски” и оваа година учествуваа 90 студенти и питомци од 16 партнерски и пријателски земји.
Министерката Петровска ги поздрави учесниците и посочи дека благодарение на овој кампус, питомци и студенти од 16 земји беа обучувани од професори и предавачи од македонската Воена академија, но и од професори од Хрватска, Словенија и Унгарија, при што, покажаа дека знаат како да демонстрираат заедништво, истовремено запознавајќи се со различни култури и националности.
„Од она што го видов сега на оваа вежба, можам да кажам дека направивте одлична работа. Навистина сте посветени на она што го работите и навистина е добро што сме свесни дека имаме иднина сите заедно”, рече Петровска.
Таа додаде дека само заеднички можеме да се спротивставиме и да ги надминеме предизвиците и упати честитки до Воената академија за успешно реализираната активност.
„ Сите заедно, од 16 различни земји, НАТО сојузници, земји-партнери на НАТО, кои заедно вежбаат, го споделуваат своето искуство, своето знаење и најмногу од се создаваат нови пријателства и заедничка иднина. Ова покажува дека инвестирањето во вас е инвестирање во нашата иднина. Уште еднаш, ви честитам на сите вас, на вашите тимови и на вашите инструктори и ви посакувам се најдобро”, истакна министерката Петровска.
На овогодинешниот Летен кампус, учествуваат питомците и студентите од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Хрватска, Италија, Косово, Латвија, Црна Гора, Норвешка, Полска, Романија Соединетите Американски Држави, Унгарија и од Република Северна Македонија. За време на двонеделната обука беа реализирани: практична обука за Односи со јавност, Медицинска обука, Борба во урбана средина, Обука за импровизирани експлозивни направи, Поставување на кордон, претрес и справување со толпа, кои беа дел од симулираните мултинационални операции во поддршка на мирот во фаза на стабилизација, реконструкција и градење мир.