Повеќе од 50 изведувачи на вкупно шест бини ја сочинуваат понудата на 12. издание на „Д Фестивал“ во Дојран, што ќе биде отворен денеска и ќе трае до недела. Најпопуларниот фестивал на нашите простори во организација на „Пасворд продукција“, и годинава ќе понуди одлична музичка програма, голем број различни зони, над 100 уметници и учесници во ПлоштАрт, изложби, работилници, перформанси, театар, арт-инсталации, плажа, сонце, музика и љубов!
Фестивалот секојдневно ќе изобилува со 12-часовна музичка програма. Од САД доаѓаат „Култур шок“, раперот Смоукпурп и рејверот Зу, а од Велика Британија малку подзаборавените „Кошин“ и Габриела Чилми, која на почетокот на кариерата ја споредуваа со Ејми Вајнхаус. Со голем интерес се очекува австриското електронско дуо Крудер и Дорфмајстер, Марки Рамон ќе ги свири хитовите на „Рамонс“, Џулијан Марли го носи реге звукот прославен од неговиот татко Боб Марли, а моќната екипа од регионот ја сочинуваат Дарко Рундек, Јура Стублиќ, „Хладно пиво“, „Буч Кесиди“ и евровизиската атракција Констракта.
На секоја од шесте бини за време на трите фестивалски дена ќе се претстават и македонски артисти, музичари и бендови, меѓу кои се хип-хоп групата „Чиста околина“, „Зад аголот“, „Луфтанза“, „Перија“, проектот „Пијан Славеј“ на Бранислав Николов, „Хајка“, „Короужн“, „Преку ред“, Дина Јашари, Флудер, Џантрикс…