Министерот за образование и наука Јетон Шаќири присуствуваше на денешното доделување на дипломи на четвртата генерација на дипломирани студенти на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој во своето обраќање ја потенцираше важноста на континуираното вложување во образованието.
„Сакам да ви порачам дека мора да се обидете, како професионалци кои што ја сакаат својата земја и го посакувате успехот – за да го постигнете истиот и за оваа среќа наместо да трае три дена, туку да потрае во континуитет, мора постојано да се трудите, да вложувате напори и време во вашето знаење. Учењето не завршува денеска. Ако го надоградувате, лесно ќе се вработите. Лесно ќе ве најде пазарот на трудот, приватниот сектор, каде што платите се веќе на завидно ниво. Тоа си го должите сами на себе, на вашите родители и семејства, на вашата земја. Рим не е изграден преку ноќ, исто како и подобрата перспектива која не мора да се најде во странство“ – истакна Шаќири.
Додаде дека на неколкуте средби што ги остварил со студенти стипендисти на МОН, кои што студираат на престижни Универзитети низ светот, тие сите посакуваат да се вратат во земјава.
-Тука животот е поубав, дома. Сонцето грее поинаку тука, почвата дава поинаков род, овошјето е поблаго, пријателите ги гледаме секој ден. Времето сè уште го имаме на располагање. Бидете репер за вашите врсници, а со тоа и за идните поколенија“ – рече министерот.
На дипломираните студенти им порача дека секој од нив ја има одговорноста да биде подобар и да се стреми кон правење подобри дела од оние на претходните генерации.
„Секој мора да создаде свој бран на надеж за доброто на оваа земја. И кога ќе го направите ова, кога тие бранови ќе се спојат, ќе создаде енергија што ќе не однесе кон подобра иднина. За вас завршува едно важно патување, а од другата страна ќе започнат нови обврски. Посакувам во ова ново патување, правилно и целосно да ги искористите сите знаења, вештини и искуства стекнати за време на студирањето на Универзитетот“ – оцени министерот.