Годинешното издание на „Културно лето 2022″, во склоп на роденденската кампања на Општина Кисела Вода, – „67 години Моја Кисела Вода”, во првите два дена ги надмина очекувањата на жителите на општината и сите други посетители, кои дојдени од различни страни, уживаа во Парк Македонија во богатата забавна програма.
Но забавната програма од Културното лето 2022, ветува голема забава и во преостанатите два дена. Вечерва, 01.07.2022 (петок), со почеток во 20 часот во Три Круши во Драчево, ќе настапат талентираните КУД Китка од Драчево, чии настапи секогаш наидуваат на голем одзив и голем број на пофалби. За збогатување на роденденската атмосфера ќе бидат задолжени и маестрата на македонската фолк музика, – Миле Кузмановски, по чиј концертен настап ќе настапат и Наум Петрески, Зуица Лазова, и Владимир Поповски со бенд.
Утре, на последниот ден од забавната програма на роденденот на општината, 02.07.2022 (сабота) во Расадник, денот ќе го разиграат настапите на Златно Славејче и танцовото студио Данса Латина Стефи, по која ќе следи премиерата на првото издание на „Битка на бендови” во организација на Општина Кисела Вода. Бендовите учесници ќе се натпреваруваат за главната награда, – бесплатно организиран концерт од страна на Општина Кисела Вода.
Во летната саботна вечер на истата локација ќе настапи и еден од омилените на публиката, познатиот Боби Павловски, а роденденската манифестација и официјално ќе ја затвори познатата балканска ѕвезда, Жељко Самарџиќ.
Сите настапи и концерти се отворени за сите и влезот за секој настап е бесплатен.
На првите два дена од манифестацијата имаше над 7500 посетители, а оваа бројка се очекува да биде уште поголема во пресрет на концертите планирани за петок и сабота.