Македонското древно светилиште „Свети Јован Крстител” попознато како Бигорски манастир се подготвува за одблежување на 7 јули, сечесниот празник на Рождеството на патронот и небесен застапник, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован.
-Во среда, на 6 јули, во свештената бигорска обител ќе се отслужи сеноќно бдение, коешто ќе започне во 20:30 часот, а на кое молитвено ќе претстои Неговото преосвештенство, епископот Аморејски г. Никифор, игумен на свештената ставропигијална патријаршиска обител на Владатадите во град Солун, информираше отец Кирил.
Следниот ден, четврток наутро, во 8:45 часот ќе биде пречекан надлежниот владика, неговото Високопреосвештенство митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј.
-Пред почетокот на Светата архијерејска Литургија, во 9 часот, од раката на нашиот Митрополит г. Тимотеј, на нашата голема радост и чест за Бигорската Обител, петмина наши собраќа ќе бидат потстрижани во светиот рамноангелски монашки чин. Ова е за првпат во нашата понова историја одеднаш да бидат замонашени петмина браќа. За време на Божествената Литургија, пак, еден од новозамонашените браќа ќе биде ракоположен во свештеноѓаконски чин, додава отецот.
Славното Бигорско светилиште, додава, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и култура, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската вистина и да ги јакне верата и здравите вредности меѓу народот.
-Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, посочува отец Кирил.
Нагласува дека светиот Претеча, во денот на своето Рождество е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и чесните мошти што се пазат во неговиот храм ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат, тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена” ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен.
И на оваа, како и на манастирската слава отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован, што се одбележува на 11 септември, се очекува големо присиство на верници.