Генералот Кристофер Г. Каволи е новиот командант на американските сили во Европа, јави ДПА.
Тој ќе ја преземе Европската команда на американското Министерство за одбрана (EUCOM) од генералот Тод Волтерс, кој заминува во пензија.
Каволи беше претставен на церемонија во Штутгарт, Германија, на која присуствуваше и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.
Остин го пофали генералот, нарекувајќи го „вистинскиот човек во вистинско време”.
„Зборувајќи одлично руски, италијански и француски, Каволи е исклучително добро подготвен за оваа задача по неговата долга воена обука за дополнително зајакнување на позицијата на НАТО на источноевропското крило”, рече министерот за одбрана.
Со околу 64.000 војници, Европската команда е одговорна за операциите на САД во Европа, делови од Азија и Африка, Блискиот Исток и Атлантскиот Океан.
Каволи е 19-тиот командант кој ја презема командата на американските сили во Европа. Волтерс ја извршува функцијата од мај 2019 година.