Првиот кинески тајфун годинава, придружен со дожд и силен ветер, денеска го погоди јужниот брег на земјата, а синоптичарите предвидуваат рекордни врнежи од дожд и ризик од природни катастрофи во неколку провинции, вклучително и најнаселената провинција Гуангдонг.
Тајфунот Чаба, по тајландското име за цветот хибискус, денеска се движи со брзина од 15 до 20 километри на час во северозападен правец откако центарот на бурата го погоди Маоминг, град во Гуангдонг, соопшти Националниот метеоролошки завод.
Чада, тајфунот со средна јачина што се очекува да ослаби, најверојатно ќе донесе обилни дождови и ќе го собори рекордот на врнежи. Се предвидува дека во некои области може да наврнат и до 600 мм дожд.
На удар се подрачјата западно од Гуангдонг, источно од автономната провинција Гуангкси и островската провинција Хаинан.
Железничкиот сообраќај на Хаинан е прекинат, а откажани се повеќе од 400 летови до и од градовите Хаику и Сања.
Во водите на Хонг Конг, кој се наоѓа на 270 километри североисточно од Маоминг, брод со десетина членови на екипажот и 30 патници се преполови за време на минувањето на тајфунот Чаба. Тие во моментов се сметаат за исчезнати.
Синоптичарите најавија екстремни временски услови во Кина до крајот на август.