Италијанската влада планира да прогласи вонредна состојба како одговор на големата суша што зафати делови од земјата, соопшти кабинетот на премиерот Марио Драги. Владата ќе се состане денеска за да ги објави мерките што ги засегаат најтешко погодените региони. Северот на земјата е особено тешко погоден, со големи езера, вклучувајќи го и езерото Гарда, кое содржи многу помалку вода од вообичаеното во овој период од годината.
Пo, најдолгата река во Италија, со делта во близина на Венеција, на некои точки долж своето течение е на најниско ниво во последните 70 години. Градовите Пиза и Верона воведоа ограничувања за вода, а Венеција и Милано исклучија некои од нивните фонтани.
Зачестеноста на сувите периоди во медитеранскиот регион во голема мера се припишуваат на климатските промени.
Во делови од Португалија и Шпанија има суша најинтезивна во изминатите илјада години поради атмосферскиот висок притисок поттикнат од климатските промени, според истражувањето објавено денеска, во кое се предупредува на сериозни последици за производството на вино и маслинки.
Во новата студија за моделирање објавена во списанието Nature Geoscience, истражувачите од САД открија дека овој систем под висок притисок „драматично се променил во изминатиот век и дека овие промени во северноатлантската клима се без преседан во изминатиот милениум”.
Користејќи симулации на климатски модели во последните 1.200 години, студијата покажа дека овој систем под висок притисок почнал да расте и да покрива поголема површина пред околу 200 години, бидејќи загадувањето со стакленички гасови почнало да се зголемува.