Кирјос посилен од повредата и Накашима, се пласира во четвртфиналето на Вимблдон

Австралискиот тенисер Ник Кирјос обезбеди пласман во четвртфиналето на Вимблдон со победата над Американецот Брендон Накашима по три часа и 10 минути игра со 3:2 во сетови и тоа со 4:6,6:4,7:6,3:6,6:2.

Кирјос повторно одигра меч во негов стил, брзо и атрактивно, но повредата на рамото го натера да побара лекарски тајм-аут во еден момент од вториот сет. Говорот на телото и лицето укажуваа дека повредата не е обична, но сепак Кирјос успеа да го добие третиот сет во неизвесен тај-брејк.

 

 

Во четвртиот сет, Кирјос „се откажа“ од борба откако го загуби седмиот гем на свој сервис, а потоа дозволи уште еден брејк за 3:6 и израмнување на 2:2 во сетови.

Сепак, во одлучувачкиот петти сет, Австралијанецот успеа да ги надмине проблемите со повредата, направи два брејка и славеше со убедливи 6:2 за пласман во четвртфиналето каде ќе игра со Кристијан Гарин.

Чилеанецот Гарин исто така во пет сета го елиминира Алекс Де Минор со резултат 3:2 (2:6,5:7,7:6,6:47:6).

Де Минор имаше водство 0:2 во сетови, но Гарин успеа да направи пресврт и го доби „супер тај-брејкот“ од петтиот сет со резултат 10:6 што значеше пласман во четвртфинале.

Тејлор Фриц од САД беше најубедлив, за два часа и една минута со 6:3,6:1,6:4 го елиминира Џејсон Кублер.

Во женска конкуренција, прва четвртфиналистка е Елена Рибакина од Казахстан која со 7:5,6:3 ја победи Хрватката Петра Мартиќ.

Треба да знаете
Последни објави