Анализата на куршумот што ја уби новинарката на „Ал Џезира”, Ширин Абу Аклех, во американската Амбасада во Ерусалим е завршена, а материјалот е доставен до палестинските власти, објавија денеска арапските медиуми.
Палестинскиот министер за правда Мухамед ал Шалалдех синоќа изјави дека резултатите се очекува да бидат објавени во текот на денов.
Палестинката Абу Аклех (51), долгогодишна новинарка на „Ал Џезира” под неразјаснети околности беше застрелана во Џенин додека известуваше за напад на израелската војска на окупираниот Западен Брег.
Бидејќи таа имаше и американско државјанство, САД побараа да извршат сеопфатна и независна истрага по случајот и да направат балистичко вештачење на куршумот, што беше поздравено од палестинските власти.
Палестинската управа претходно одби да му го предаде куршумот на Израел и да спроведе заедничка истрага со Израелците, за во саботата вечерта да го достави на Американската амбасада.
Израелските медиуми јавуваат дека се уште не познато дали анализата и вештачењето на материјалот ги извршиле Американците или Израелците.
Израелската страна во неделата објави дека нејзини експерти ќе го испитаат куршумот, што е спротивно на палестинските тврдења дека анализата ќе ја извршат американски форензичари.
Портпаролот на израелската армија Ран Кохав вчера изјави дека куршумот ќе биде анализиран во присуство на Американците.
„Доколку куршумот се совпаѓа со оружјето на израелските војници, ќе ја информираме јавноста”, изјави Кохав за Израелското воено радио.
„Ал Џезира”, повикувајќи се на палестински извори, објави дека анализата била направена во присуство на израелски експерт, додека Палестинската управа одбила да испрати свој форензичар. За време на рација извршена од израелската армија во мај дојде до оружен конфликт меѓу израелските трупи и палестински напаѓачи, при што Абу Аклех беше погодена во главата. Истрагата на палестинските власти покажа дека таа била застрелана и убиена од израелски војници.
Израелската армија првично ги обвини вооружените Палестинци за пукотницата, но подоцна соопшти дека е можно новинарката да е убиена од израелски оган.
Израелските власти го идентификуваа оружето од кое е можно да бил истрелан смртоносниот куршум, но сепак соопштија дека за конечен заклучок е неопходна соодветна форензичка анализа.