Во последните две децении на Филозофскиот факултет во Љубљана се одбранети над 80 дипломски и магистерски трудови од областа на македонскиот јазик и книжевност, а три од нив се наградени со Прешерновата награда за најдобри дипломски и магистерски трудови на Факултетот.
Овие информации и податоци доаѓаат од Универзитетот во Љубљана, по повод 60 години од поставувањето на темелите на изучувањето на македонистиката на љубљанскиот Филозофски факултет.
Како што соопштија од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, овие трудови се и потврда за македонскиот јазик како образовна цел во земја од Европската Унија. Во завршна фаза е и нова докторска теза.
Трудовите, како што се наведува во соопштение, се уште еден показател за значајните резултати во афирмацијата на македонистиката на странските образовни и научни центри кои се постигнуваат во содејство на странските универзитети, професорите и истражувачите – македонисти од странство и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).
-Добро е да се негува македонистиката во Љубљана и на другите странски универзитети. Со негувањето на македонистиката и надвор од матичните македонски институции се отвораат поинакви перспективи, погледи кон македонскиот јазик, литература и култура, пред сѐ, во вид на споредбени анализи кои придонесуваат кон меѓусебно (за)познавање, но и кон подобро познавање на себеси, истакна проф. д-р Намита Субиото, која изминативе дваесет години ја води љубљанската Катедра за македонски јазик и книжевност, во своето најново излагање по повод големиот јубилеј.
Таа напомена дека покрај тоа што сериозно студираат, студентите-македонисти учествуваат и во преведувачки проекти, на научни конференции, настапуваат на културни манифестации и известуваат за македонистички теми во медиумите.
Како што се наведува во соопштението, само годинава, на претстојната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ се очекува учество на шест семинаристи од Словенија. Покрај тоа, придонес се остварува и со сите материјали коишто ги обезбедува и испорачува МСМЈЛК при УКИМ, а коишто се користат и во наставата на љубљанскиот Филозофски факултет и се влог во унапредувањето на изчучувањето на македонскиот јазик, литература и култура.
-Студентите ги интересираат различни сегменти од македонската граматика, пред сѐ, балканските (несловенски) карактеристики, ги интересираат знаците на традиција и историја инкорпорирани во современата литература и култура, ги интригираат преведувачки постапки на релација македонски-словенечки и обратно, нагласи Субиото, осврнувајќи се и на темите на дипломските и магистерските работи од сферата на македонистиката одбранети на љубљанскиот Филозофски факултет.
Во однос на новата докторска теза која е во завршна фаза, Субиото напомена дека е посветена на заемната рецепција на македонската и словенечката книжевност за деца и млади. Во изминатите години, интересот за македонската книжевност за деца е зголемен и со студентите на љубљанската Катедра за македонски јазик и книжевност веќе се подготвува двојазичен избор на македонска поезија за деца. Овој избор ќе биде шеста книга објавена последниве години како резултат на посветеноста на книжевниот превод од македонски на словенечки јазик на Филозофскиот факултет во Љубљана, при што како што истакна Субиото, интересот е насочен пред сè кон современата македонска книжевност.
Претходно, чествувањата по повод јубилејот 60 години македонистика во Љубљана започнаа со свечен настан на којшто словенечките слависти порачаа дека продолжуваат поддршката и вложувањата за изучувањето и афирмацијата на македонистиката во Словенија. Во тој контекст, и натаму, особено важна ќе биде соработката меѓу љубљанската Катедра за македонски јазик и книжевност и МСМЈЛК при УКИМ, којшто покрај заложбите за лекторатите по македонски јазик остварува влог и во развивањето на македонистиката на универзитетските центри на коишто веќе постојат и одделни катедри за македонистика, како што е примерот со Љубљана.