Лена Бориславова, шефицата на кабинетот на бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков е под истрага, јавуваат бугарските медиуми. Софиското градско обвинителство пред еден месец покренало предистражна постапка против Бориславова за склучување непрофитабилна зделка. Повод за истрагата бил договор на Бугарската банка за развој за правни услуги со канцеларијата во која работела Бориславова пред да влезе во политиката.
Договорот го склучил менаџментот на ББР на 1 јули 2021 година, а потписници биле Владимир Георгиев и Цанко Арабаџиев. Договорот со адвокатската канцеларија „Јингов, Гугински, Ќучуков и Величков“ е за месечен надомест од 13.690 лева без вклучен ДДВ.
Според овој договор како лице за контакт е именувана Лена Бориславова, но договорот е склучен со канцеларијата, а не со неа. Во тоа време Бориславова немала функција во извршната власт.
Договорот на ББР со адвокатската канцеларија бил раскинат три месеци подоцна, кога Лена Борисовлавова влегла во политиката со „Продолжуваме со промените“.
Бориславова денеска го коментираше случајот како потег за заплашување од страна на главниот јавен обвинител Иван Гешев за кого рече дека бил директно вклучен во оваа истрага, кој пак беше на мета на владата на Петков која се обиде да го смени поради низа злоупотреби на службена должност.
-Апсолутно сум мирна, обвинителството може да истражува колку сака. Меѓутоа, за мене, од податоците со кои располагам, бидејќи дознавам само од медиумите, ова се граничи повеќе со некакво политичко дејствување. Јас лично сум подготвена да соработувам доколку навистина има предистражна постапка против мене како конкретен сторител, изјавила Бориславова.