Руската хокеарска федерација официјално побара објаснување од властите околу ситуацијата во која се најде голманот Иван Федотов, кој беше приведен во петокот во Санкт Петерсбург со обвинение дека се обидува да избегне воена служба, откако руските медиуми објавија дека тој е пратен на Арктикот.
„Руската хокеарска федерација ја следи ситуацијата со голманот на руската репрезентација, Иван Федотов и неговиот воен рок. Федерацијата побара од владините служби да ги разјаснат околностите околу случајот“, вели претседателот на федерацијата, поранешниот трикратен олимписки шампион, Владислав Третјак.
Според новинската агенција „ТАСС“, хокеарот се наоѓа во Северморск, во областа Мурманск во арктичкиот регион, и дека може да биде пратен уште по на север, на островот Нова Земја. Другите руски медиуми тврдат дека тој ќе остане во пристаништето Северморск до септември, по што ќе биде одлучено кае ќе биде пратен.
Ситуацијата може да го чини Федотов НХЛ-кариера, откако во мај тој потпиша договор со Филаделфија флаерс по крајот на договорот со ЦСКА Москва, со која ја освои титулата од Гагарин купот во КХЛ лигата и беше прогласен за најдобар голман. Федотов беше на голот на руската репрезентација која освои сребро на Олимпијадата во Пекинг во февруари. Други руски медиуми шпекулираат дека проблемот е направен поради неговиот конфликт со ЦСКА Москва, спортскиот клуб кој е традиционално поврзан со руската војска.
Во Русија, воената служба е задолжителна за сите од 18 до 27 години.