Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов денеска на прес-конференција ги коментирал протестите во Македонија пред Владата против францускиот предлог. Тој смета дека во Македонија има говор на омраза.
„Навистина се надевам дека денес, и покрај говорот на омразата, и покрај одвратното однесување на некои луѓе во Северна Македонија, ќе се донесе одлука и ќе им биде отворен патот на нашите соседи. Но овој пат опозицијата во Бугарија го отвори патот и со Договорот за добрососедство и со одлуката во Парламентот. И тоа го знаат сите наши евроатлантски партнери. За начинот на кој се однесуваа кон руските дипломати, ние повторно ги поддржавме во целост“, рекол Борисов од седиштето на ГЕРБ.