„Нашата цел во овој процес беше да го заштитиме статусот на македонскиот јазик во рамките на Европската Унија, а не беше да ја убедиме Бугарија да го промени својот став. Целта беше да нема влијание тој став на ставот на Европската Унија”, рече вицепремиерот Маричиќ на вчерашниот брифинг со уредници на Националната радио телевизија.
Вицепремиерот Маричиќ посочи дека е направена добра анализа и не случајно ниту пак наивно го претставуваат овој предлог и истакна дека се земени искуствата и од многу држави членки на ЕУ за нашите позиции, кои потоа биле користени во текот на разговорите со Бугарија за да се дојде до едно компромисно решение.
Во овој контекст вицепремиерот Маричиќ се надоврза на искуството на Ирска кое го кажа министерот за Европа, Томас Бирн, на заедничката прес-конференција на која беа испратени многу отворени и јасни пораки дека ова е моментот и ова е предлогот на кој треба да му се даде шанса.
„Особено имаше емотивен говор, по мене, министерот за европски прашања на Ирска којшто кажа дека Ирска требало да отстапи од територијални претензии кон Британија за да се зачлени во ЕУ, дека имале 10 годишна блокада од Франција во тоа време, дека навистина како народ кој бил долго време негиран од своите соседи сочувствуваат со нас, но неговиот заклучок беше нашиот идентитет процвета од кога влеговме во ЕУ”, рече Маричиќ.
Како што посочи вицепремиерот Маричиќ, ирскиот министер објасни и направи јасна споредба дека денес го користат и ирскиот јазик и англискиот јазик и дека Ирска економски и културно и идентитетски се развила од кога е во ЕУ и од држава од која сите сакаа да се иселат пред 50 години кога станале членки на ЕУ, денес е држава во која луѓето сакаат да се доселат и сакаат да живеат и работат само заради ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека овие лекции треба да ги препознаеме моментите кога треба да ја искористиме шансата, и затоа е важно да се навлезе во суштината на овој предлог, рече Маричиќ.