Поради здравствени проблеми, кошаркарскиот великан Реал Мадрид денес ја прекина соработката со 54-годишниот Пабло Ласо и за негов наследник го назначи неговиот соработник Чус Матео. На почетокот на јуни Ласо доживеа срцев удар и тоа е причината поради која „кралевите“ ја прекинаа соработката со трофејниот тренер кој 11 сезони мина на кормилото од Реал и освои 22 титули. Тренерот тврди дека здравствената состојба му дозволува да продолжи да работи, од клубот велат дека не можат да си дозволат таков ризик.
Реал Мадрид во нов трофеен поход ќе тргнат со 53-годишниот Чус Матео со кого потпишале двегодишна соработка до 2024 година, објави „кралскиот клуб” на својата веб-страница. Матео работеше во Реал Мадрид како тренер на академијата и помошник тренер од 1990 до 2004 година. Од 2014 година му беше помошник на Пабло Ласо.