Бројот на странски платеници во Либија делумно е намален поради војната во Украина, наведува експертот на ОН, Чалока Бејани, цитиран од ДПА.
Бејани изјави дека „на друго место се отвори нов пазар “.
Британскиот правен експерт, кој е со потекло од Замбија, собира докази за кршење на човековите права во Либија и е дел од комисијата експерти назначена од Советот за човекови права на ОН.
Според Бејани, во Либија е видливо намален и бројот на платеници од руската група Вагнер. Приватната воена компанија се смета за армија во сенка на рускиот претседател Владимир Путин, кој негира каква било вмешаност во неа.
Според британските разузнавачи, Москва најверојатно била принудена да и даде приоритет на инвазијата на Украина со персоналот на Вагнер на сметка на операциите во Африка и Сирија.
Меѓутоа, не сите странски борци се повлечени од Либија, се наведува во извештајот презентиран од Бејани и неговиот тим. „Платениците го продолжуваат конфликтот во земјата и можеби ги игнорираа меѓународните правила за заштита на цивилите”, наведуваат експертите.
Либија од 2011 година е зафатена со граѓанска војна, откако со револуција беше соборен долгогодишниот лидер Моамер ел-Гадафи. Бројни милиции сè уште се борат за влијание во регионите од земјата, а во конфликтот се вклучени и други земји, вклучувајќи ги Русија и Турција.
Проценките на ОН се дека до крајот на 2020 година во Либија се бореле околу 20.000 странски платеници.