Верувам дека Македонија и Европската Унија овие денови прават историски исчекор напред, вели екс премиерот Зоран Заев. Тој учествуваше на панел дискусијата на Економист конференцијата во Атина посветена на стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа.
Според него, последниот предлог на француското претседателство е добра основа за Македонија да го почне процесот на преговори. Kaжа дека Македонија донесе многу тешки одлуки во изминатите неколку години.
„Земјата испорача мир и стабилност кон регионот и кон Европа, заедно со важните и тешки реформи во нашата земја. Затоа, уверени сме дека е историски оправдано што бараме и што добиваме почеток на преговори со ЕУ, после 17 години чекање, со нашиот македонски јазик и идентитет, препознаени и потврдени. За граѓаните на Македонија ова е силен чекор напред кон исполнување на втората наша стратешка цел, после членството во НАТО. Затоа и во оваа прилика подвлекувам дека стратешки интерес на Македонија е веднаш да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ. Уверен сум дека тоа е стратешка одлука и на ЕУ затоа што нема поголема и поефикасна одлука за зајакнување на стабилноста на регионот на Југоисточна Европа од отворањето на процесот на пристапување во ЕУ за Македонија и Албанија без никакво натамошно одлагање“, рече Заев.
Во Македонија вечерва четврти ден по ред граѓаните ќе протестираат со барање власта да го отфрли францускиот предлог.