Протестот е уставно и демократско право. Но, насилството и сликите коишто вчера ги видовме, повредени полицајци, насилници со качулки на виделина ја покажа вистинската цел на деструктивната антиевропска коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, истакна на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„СДСМ најостро го осудува насилството и обидот преку деструкции и насилство да се создаде тензија во земјата, нови поделби и раздор и да се закочи целата држава. Тоа е вистинското лице и вистинската цел на антиевропската коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица. Во период кога траат широки и инклузивни консултации ВМРО-ДПМНЕ и Левица, наместо дијалог и конструктивност, одбраа да организираат насилни протести, да шират лажни вести измислуваат црни сценарија со кои ја плашат јавноста“, вели Кузеска.
Тоа е, како што додава, уште еден доказ дека Мицкоски и Апасиев, ВМРО-ДПМНЕ и Левица не и мислат добро на државата, не им мислат добро на граѓаните.
„СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи насилничкото однесување на ВМРО-ДПМНЕ да ја загрози иднината на државата. Сакаме јасно да порачаме на сите деструктивни сили дека нема да дозволиме да се загрози стабилноста на државата. Нека не се обидуваат да го повторат упадот од 27 април. Тоа нема да го дозволиме. Ние сме членка на НАТО и продолжуваме по евро-атлантскиот пат“, порача Кузеска.
Пред нас е, како што појасни, предлог кој е согласност со нашите црвени линии, предлог кој содржи чиста формулација на македонскиот јазик, кој гарантира дека историските прашања со Бугарија нема да бидат дел од преговарачката рамка.
„По години чекање, конечно имаме можност сосема заслужено да започнеме со преговори за членство во ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица и нивните деструкции нема да ја загрозат европската иднина на државата“, рече Кузеска.