Македонско друштво „Илинден”-Тирана побара посебната собраниска комисија „За административно-територијална реформа во Република Албанија” да го земе предвид барањето на жителите на Голо Брдо и Гора за формирање две истоимени општини.
-По територијалната поделба во Република Албанија што се случи во 2014 година, Владата ги укина и општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, за првите две да ги приклучи кон општина Булќиза, а третата кон Либражд, како и општините Шиштавац, Топојан и Запот, во областа Гора, кои сега се приклучени кон општина Кукс. Остана само една македонска општина а тоа е Пустец. Нашите барања тогаш не се испочитуваа, затоа сметаме дека таа неправда сега ќе биде исправена, стои во соопштението на друштвото.
Се додава дека Македонците во областите Голо Брдо и Гора, укинувањето на македонските општини го сметаат за чекор назад во почитувањето на малцинските права во Република Албанија.
-Подрачјата каде живеат Македонци останаа неразвиени, а јавната администрација и услугите на локалната самоуправа беа отежнати. Сметаме дека и македонските општини градоначалниците треба да ги избиранат од самите граѓани, заради нивната доверба во системот и непосредно решавање на локалните комунални и други проблеми, се наведува понатаму.
Со законот за административно-територијална поделба усвоен од парламентот, во 2014 година, без присуство на опозициските демократи, бројот на општините од 385 се намали на 61, иако опозицијата тогаш бараше нивниот број да изнесува најмалку 80.
Неодамна албанскиот парламент формира посебна парламентарна комисија која треба да го разгледа барањето на опозцијата, за нова територијална поделба, но имајќи ги предвид ставовите на мнозинството тешко дека ќе има зголемување на бројот на општините.
Владејачките социјалисти сметаат дека треба да се намали и постојнот број на општините (61) и на окрузите(12).