Русија денеска информираше дека истражува извештаи за мачење што, според соопштеното, било вршено врз руски војници, заробени од украински сили, а ослободени при размена на затвореници, јави Бета.
„Рускиот истражен комитет ги проверува фактите за нехуман третман на руските војници заробени од Украина”, наведе телото задолжено за кривични истраги во Русија.
Двете земји извршија повеќе размени на затвореници од почетокот на руската офанзива во Украина на 24 февруари. Последната размена извршена е на 29 јуни. Тогаш, раземенети се по 144 војници од едната и од другата страна.
Руси ослободени тогаш, тврдеа дека има случаи на насилство за време на затворањето, се наведува во соопштението и се пишува за удирање, мачење со струја, недавање вода и храна.
Русија минатата недела соопшти за 6.000 украински воени заробеници, но, не наведе колку руски има во Украина.
Украина ја обвинува Москва за бројни воени злосторства, што руските власти демантираат, дури и кога обвинувањата се документирани. Русија пак, ги обвинува украинските сили за режирање злосторства што ѝ се припишуваат на руската војска.