Скандал во Хрватска: Сопругата на Милановиќ вршела притисок да му ги поправат оценките на син ѝ

Хрватското Министерство за образование и наука отвори инспекциска постапка во училиштето во кое учи синот на хрватскиот претседател Зоран  откога неговата сопруга, како што тврди „Јутарњи лист“, извршила притисок врз директорот на училиштето да му ги смени веќе заклучените оценки на син ѝ, и тоа од четворки во петки.

Според весникот, Сања Мусиќ-Милановиќ на 24 јуни испратила имејл до директорот на училиштето на син ѝ, класниот раководител и до училишниот психолог наведувајќи ги неправилностите во наставата по математика како причина за промената на оценките.

Ова предизвика бран реакции во медиумите поради наводниот притисок на сопругата на претседателот да му ги зголеми оценките на синот, така што просекот на сите негови оценки би бил пет, пренесуваат хрватските медиуми.

Според „Хина“, Милановиќ денеска изјавил дека не знаел за писмото на сопругата до училиштето и дека тој немало да го напише. Милановиќ исто така ја нападнал и компанијата „Ханза медија“, сопственик на „Јутарњи лист“, поради објавување напис на оваа тема.

„Не знаев. И јас не би бранел нешто само затоа што жена ми го направила. Кога се занимаваш со ваква работа, тоа всушност ништо не значи, но, според мене, тука е многу помалку важно од начинот на кој криминалната организација „Ханза медија“ ја подготвила“, рече Милановиќ.

Тој додаде дека со тоа писмо неговата сопруга оставила „бразда длабока три метри“.

„Да ми го направеше тоа мајка ми кога имав 17,5 години, ќе полудев“, изјави Милановиќ. „ Но, мама е мама, сега мама остави пишан белег“, рече Милановиќ.

Хрватскиот претседател смета и дека цел на текстот во весникот не е неговата сопруга, туку лично тој.

Треба да знаете
Последни објави