Рускиот милионер Јуриј Воронов (61), шеф на логистичка компанија која имала профитабилни договори со „Газпром“ на Арктикот, е пронајден мртов во својот дом, во богатото предградие на Санкт Петербург.
Воронов вчера бил пронајден како лебди во базенот со прострелна рана во главата, а на дното од базенот биле пронајдени неколку патрони.
Рускиот истражен комитет ја истражува смртта на Воронов за која во моментот се сомневаат дека е предизвикана од спор со деловните партнери. Неговата сопруга наводно ѝ рекла на полицијата дека Воронов се жалел оти бил измамен од нечесни изведувачи и партнери за многу пари и дека неодамна почнал да пие многу.
Ова е само една во низата мистериозни смртни случаи на руски богаташи од почетокот на инвазијата на таа земја на Украина.
Александар Тулаков (61), висок функционер за финансии и осигурување на „Газпром“, беше пронајден мртов во својот дом во февруари. Инспекторите рекоа дека тој се самоубил, но локалните извештаи велат дека на неговото тело имало знаци на насилство, што укажува на тоа дека бесењето било наместено.
Три недели претходно 60-годишниот Леонид Шулман беше пронајден мртов, избоден во бањата. Шулман беше шеф на транспортот во „Газпром инвест“, филијала на енергетскиот гигант задолжен за инвестициски проекти.
Милијардерот Александар Суботин (43), поранешен висок функционер во енергетскиот гигант „Лукоил“, исто така беше пронајден мртов во мај. Една од теориите е дека тој бил отруен со отров што предизвикал срцев удар.