Директорот на ЈП Паркови и зеленило, Ангеле Сотировски на денешната прес конференција истакна дека на местото на паднатото дрво на плоштад Македонија ќе засадат исто дрво од таков вид.
„Градот Скопје го зафати олујно невреме во кое што ветерот дуваше со брзина од 59км/час, поради што имаше повеќе паднати дрвја низ градот. Едно од тие дрвја е и зимзелено дрво (сребрено смрча) кај спомен плочата на Мајка Тереза на плоштад Македонија, посадено лично од Мајка Тереза во 1980 година. Станува збор за 42 годишно дрво.
Со цела должна почит кон историјата и природното наследство, за жал мораме да се покориме на природните појави. Паднатото дрво беше со оштетен коренов систем. Во консултација со експерти од областа на шумарството ни беше укажано дека паднатото дрво нема никакви шанси повторно да биде засадено и да опстане.
Наша желба и заложба е коренот од тоа дрво да остане на тоа место. Разговаравме и со внукот на мајка Тереза, господинот Алојз Гомбар, известувајќи го дека тој корен ќе биде конзервиран, односно заштитен, а во непосредна близина на паднатото дрво ќе биде засадено друго дрво од истиот вид, тогаш кога тоа ќе го дозволат временските услови, во период на садење на класични садници (вообичаено тоа е месец октомври).
Напоменуваме дека тоа нема да биде дрво со толкава старост, големина и габарит, но секако ќе се потрудиме да биде соодветно на претходното“, велат од ЈП.