Индонезија можеби ги игнорирала обидите да се спречи учество на Русија на состаноци на Г20, доколку ги имало, смета рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Не ми е познато дали имало обиди да се блокира присуството на Русија на состаноци на Г20, изјави Лавров.
Тој ја даде изјавата по состанокот со виетнамскиот колега, Буи Тхан Сон, во Ханој, јави Тасс.
– Од Индонезија имаме покана да присуствуваме на два состаноци на министрите за надворешни работи на Г20 утре на Бали, а некаде во ноември и за Самитот на Г20. Доколку имало такви обиди, индонезиските власти можеби ги игнорирале, појасни министерот.
Состанокот на Г20 ќе има свој дневен ред, како што тврди Лавров, Русија ќе се „држи до тој дневен ред” и ќе „одржи низа билатерални состаноци”.
Министрите за надворешни работи на Г20 ќе се соберат на Бали од 7 до 8 јули, наведува Тасс.