Јовевска именувана од Владата на РСМ за национален координатор за медијација

На 54-тата седница на Владата на Република Северна Македонија, потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на Асоцијацијата за медијација при Комората, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска е именувана за ПРВ НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР ЗА МЕДИЈАЦИЈА.

Со новиот Закон за медијација (Сл.весник на РСМ бр.294/2021) кој стапи на сила на 4-ти јануари 2021 година ќе функционира Национален совет за медијација, тело на Владата на Република Северна Македонија кое независно и самостојно го обезбедува, следи и оценува квалитетот на работите во медијацијата во рамки на надлежностите определени со законот.

Со Националниот совет за медијација раководи Националниот координатор за медијација, кој воедно и го застапува и претставува Советот, кој освен Националниот координатор ќе брои плус 4 члена и секретар. 

Согласно Законот за медијација, Националниот совет за медијација, врз основа на начелото на самостојност, стручност и независност во својот делокруг на активности ќе извршува повеќе активности меѓу кои се: покренување на иницијативи за подобрување на законските решенија и давање мислења за предлози на закони од областа на медијацијата; покренување на иницијативи за пошироко запознавање на заинтересираните страни со правото за користење на медијацијата како начин на компромисно решавање на спорните односи; утврдување на исполнетоста на условите за издавање на лиценца за вршење на медијаторски работи; издавање или укинување на лиценците за медијатори, медијатори за специфични области и за обучувачи на медијатори; акредитирање на програми за обука на медијатори утврдени со законот врз основа на методологија; вршење на евалуација на квалитетот на работењето на медијаторите, обучувачите на медијатори, спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори; соработка со домашни и меѓународни организации и тела за поголема промоција и примена на медијацијата и слично.

Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска 20 години работи во Стопанската комора на Северна Македонија од кои 15 години беше извршен директор а сега ја обавува функцијата потпретседател на Комората и проектен менаџер за развој на новите Совети во Комората. Од 2016 година, од кога е формирана посебна Асоцијација за поддршка на медијацијата (АПМ) при Комората е нејзин претседател а од истата година е лиценциран медијатор и потоа лиценциран обучувач на медијатори.

Георгиева Јовевска повеќе години наназад е инволвирана во процесите на афирмација и популаризација на медијацијата. Така, од2001-2014 година, кога во рамките на АБК-ДИХК (Асоцијацијата на балкански комори и Унијата на Германските трговско-индустриски комори), каде се работеше и на активности поврзани со зајакнување на капацитетот на коморите и проекти за компаниите, активно учествува и е координатор на настаните за промоција на медијацијата и арбитражата како алтернативни методи на решавање на споровите. Во 2006-та година работеше на Проектот за подигнување на јавната свест за медијацијата (преку проектните активности насловени како “Финансиски користи од Медијацијата” организирани со IFC-групација на Светска банка во рамките на 6 месечниот проект за развој на медијацијата), со промоција и дистрибуција на публикациите на IFC PEP SE: Брошура за медијација, Алманах за Медијација…..

Во рамките на АПМ има организирано, на цела територија на државава, од основањето на Асоцијацијата до денес, над 40 бесплатни семинари за промоција и афирмација на медијацијата на тема: “Медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови”, со учество на над 1000 претставници од компаниите и други заинтересирани партиципиенти. Паралелно со реализација на сите активности Георгиева Јовевска континуирано се усовршува и надградува на ова поле во РСМ и надвор од неа, a преку поддршката на медиумите (печатени и пишани) афирмативно придонесува за доближување и што е можно поголемо разбирање и користење на медијацијата и нејзините придобивки (како доброволност, доверливост, ефикасност, економичност, правичност на постапката, извршност-доколку Спогодбата постигната во медијација се солемнизира на нотар и слично).

д-р Јелисавета Георгиева Јовевска е автор на повеќе едиции на полето на медијацијата и алтернативните алатки за решавање на споровите како што се: “Моќта на арбитражата и медијацијата за алтернативно решавање на стопанските спорови”, Скопје 2008 година, “Брошура за Медијација (Промоција, афирмација, успех)”, септември 2016 година, “Брошура за предностите на медијацијата во меѓународни рамки”, април 2017 година, “Прирачник за основна обука за медијатори”, 2019 година….

 

д-р Јелисавета Георгиева Јовевска како експерт за медијација, сега и како Национален координатор за медијација, преку поддршката на Владата на РСМ со формирањето на Националниот совет за медијација како тело за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите во медијацијата, продолжува со активности за поголема промоција и достапност на медијацијата кај бизнис-заедницата и кај сите заинтересирани страни.

 

Треба да знаете
Последни објави