Британскиот премиер Борис Џонсон уште синоќа го назначи поранешниот претприемач и актуелен министер за образование, Надим Захави, за нов министер за финансии, а Стив Баркли за министер за здравство.
Захави (55) е коосновач на познатата компанија „YouGov” и својата политичка кариера ја почна во конзервативните кругови во Лондон, пред да стане пратеник во 2010 година. Популарноста ја стекна со предводењето на процесот на вакцинација на Британците за време на пандемијата.
Именувањата следеа веднаш по вчерашните оставки на Риши Сунак и Саџид Џавид како министер за финансии и министер за здравство. Сунак на Твитер вчера објави дека се повлекува од функцијата британски министер за финансии, додека Саџид Џавид поднесе оставка од функцијата британски министер за здравство во писмо до премиерот Џонсон.
Засега тие се единствените двајца министри на врвот на премиерскиот кабинет кои поднесоа оставка, додека други високи личности му изразија поддршка на Џонсон.
Шефицата на дипломатијата, Лиз Трус, која се смета за водечки кандидат за негово замена, изјави дека „заостанала 100 отсто зад премиерот”.
Оставките дојдоа откако Џонсон беше принуден да упати понижувачко извинување претходно во текот на денот за неговото справување со спорот околу заменик-претседателот на пратеничката група на конзервативците Крис Пинчер, откако се покажа дека премиерот заборавил дека му биле кажано за претходните обвинувања против Пинчер за „недолично однесување”.
Пинчер поднесе оставка од својата функција минатата недела, по тврдењата дека пипкал двајца мажи во приватен клуб, но Џонсон за обвинувањата против него бил информиран уште во 2019 година.
Овој нов скандал беше капката што ја прелеа чашата кај двајцата министри бидејќи Борис Џонсон тесно го преживеа гласањето доверба меѓу конзервативните пратеници минатиот месец, каде што повеќе од 40 отсто гласаа против него.