За безбедноста на утрешниот протест на албанската опоцизија, кој е закажан за 19 часот пред зградата на владата, ќе бидат ангажирани над 1.200 полициски службеници. Тие ќе бидат во кордони околу владата и други државни институции, додека припадниците на специјалната единица „Шќипоња“ и на онаа за брзо распоредување ќе бидат позиционирани во близина.
Повеќе контролни групи ќе бидат стационирани на влезовите во Тирана. Ќе бидат контролирани возилата и патниците да не носат огнено оружје, тврди предмети и пиротехнички средства.
На протестот ќе бидат ангажирани и агентите од секторот за антитероризам, кои ќе ги надгледуваат лицата за кои постојат сомненија за можни терористички акти.
Влезната врата на владата и прозорците се покриени со пластифициран лим, со цел да се оневозможи учесниците во протестот да влезат во објектот.
Премиерот Еди Рама нема да биде во зградата. Претходно, тој најави дека ќе биде во Валона на свеченост по повод завршување на инфраструктурен зафат.
Протестот што го организира Сали Бериша, поддржан и од дел од граѓанскиот сектор, се одржува под мотото „Албанија во опасност – Не вели што ќе ми е мене“.