По се зачестените напади и континуирано деградирање на позицијата на новинарите и медиумските екипи за време на протестите Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) смета дека е неопходно уште еднаш да ја нагласи потребата тие да бидат почитувани и заштитени.
Тоа го очекуваме и од припадниците на МВР, од институциите, од партиите, но и од самите учесници на протестите.
Почитувани, новинарите, фото и видео – репортерите се таму на нивното работно место и нивна задача е да информираат за тоа што се случува.
Воедно, новинарите се учесници во јавната дебата и како такви имаат право да промислуваат, коментираат и аргументираат свои ставови без при тоа да бидат предмет на етикетирања и деградирања.
Секој напад на новинар и медиумска екипа е напад врз јавноста и јавниот интерес, напад против правото на слобода на изразување, напад против демократијата, но и против пристојноста и цивилизациските вредности.
Оттаму, секој таков напад најмногу го легитимира оној што го спроведува, како насилник и недемократ.
Почитувани, потребата на јавноста да дознае што се случува и да донесе информирани заклуоци за настаните во општеството е гаранција дека новинарството како професија ќе опстане.
Она што историски гледано е со пократок рок се токму насилниците и недемократите. Без оглед на гласноста на улица и на социјалните мрежи – нивното време истекува.
Истовремено, во оваа лесно запалива атмосфера ССНМ ги потсетува колегите дека како новинари имаат обврска да информираат за случувањата одговорно и непристрасно и да не се доведуваат во ситуација да шират непроверени информации.
Притисокот за брзина и поголема публика, не смее да резултира со сензационалистичко и погрешно информирање кое нема врска со професионалното и одговорното новинарство.
ССНМ