Туниските власти замрзнаа финансиски имот на поранешниот претседател на распуштениот Парламент, Рачед Ганоучи, како и на уште девет други лица, меѓу кои и некогашниот премиер Хамади Јебали.
Потегот е преземан на барање на судии за борба против тероризам, соопштија од Одборот за финансиска анализа на Централната банка на Тунис, јави Анадолија.
На листата се најдоа и синот на Ганоучи, Муад, како и поранешниот министер за надворешни работи, Рафик Абдесалем.
Засега нема детали за случајот, а Ганоучи и останатите не ја коментираа оваа одлука.
Ганоучи важи за еден од највлијателните луѓе во Тунис од враќањето во земјата, по падот на поранешниот претседател Зине Ел Абидине Бен Али.
Во јули 2021 година, претседателот Каис Сајед ја распушти Владата, го суспендираше парламентот и ја презеде извршната власт за време на растечки тензии во јавноста, поради економската стагнација и политичката парализа.
Потоа со нови декрети, на 22 септември 2021 година, ги прошири своите овластувања, па целосно ја презеде извршната власт.
Додека Сајед инсистира дека неговите вонредни мерки имале за цел да ја спасат државата, критичари го обвинија за организирање државен удар.