По оставките на министерот за финансии и за здравство, според британските медиуми, треба да се повлече и премиерот Борис Џонсон.
„Играта заврши” е објавено на насловната страница на Тајмс, истакнувајќи оти Џонсон треба да се повлече од функцијата бидејќи „ја изгубил довербата на својата партија и на земјата”.
– Нема замисливи изгледи дека Џонсон, кој не успеа да обезбеди поддршка од 148 пратеници во гласањето за доверба минатиот месец, може да го обнови својот авторитет за да обезбеди ефективно лидерство што и е потребно на земјата во време на акутна национална криза. Со секој ден што останува на власт само го продлабочува чувството на хаос, за доброто на државата треба да си оди, наведува Тајмс.
И колумнистот на Тајмс, Иан Мартин истакнува дека британската Влада е во хаос, а како потенцијални наследници на Џонсон ги споменува поранешниот министер за здравство Џереми Хант и министерот за одбрана Бен Валас.
Поранешниот министер за Брегзит, Дејвид Фрост за Телеграф истакна дека Џонсон би требало да поднесе оставка или да рескира „да ја повлече партијата и Владата со себе”.
И другите министри сега мора да размислат дали навистина се задоволни со актуелната насока на „патување”, посочи Фрост.
За Дејли експрес Џонсон е „повреден” но и „ослободен” и сега се бори ветувајќи намалување на даноците.
Колумнистот на Дејли мејл, Стефан Гловер го опишува Џонсон како „исклучителен политичар, кој речиси е над сите други членови на кабинетот”, но кој ретко ја кажува вистината.
Но, по сè што се случи, и покрај неговите достигнувања, сега се чини дека премиерот е осуден на пропаст. Да, каква загуба и трагедија, пишува Гловер.
Додека колумнистката на Гардијан, Поли Тојнби потенцира дека сега е моментот кога Џонсон треба да се повлече.