Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека е задоволен што Европскиот парламент (ЕП) не го прифатил предлогот за прекин на пристапните преговори со Србија поради ставот за војната во Украина, но и да официјален Белград ќе продолжи да се однесува во согласност со интересите на државата, јави дописникот на МИА од Белград.
„Имаше обиди на некои членови на ЕП да се изгласа прекин на преговорите со Србија. Драго ни е што тоа не беше изгласано, затоа што ќе беше погрешно, и благодарност до мнозинството во ЕП што тоа не го прифати… Но, еднаш реков – секој да си ја работи својата работа. Ако мислат дека некого треба да молиме за нешто – нема“, изјави Вучиќ на новинарите во Ивањица.
Тој кажа дека е многу важно Србија да е на европскиот пат, но и дека е важно да има слобода и право да размислува за своите интереси.
Вучиќ рече дека му е се потешко да разговара со многу луѓе на светската политичка сцена бидејќи многумина од нив веруваат дека се во војна и дека нема разговори ниту за некои очигледни работи.
Претседателот на Србија ги демантираше пишувањата на медиумите дека била договорена негова средба со премиерот на Косово Албин Курти во Брисел, иако додаде дека Србија не бега од дијалог, бидејќи сака мир и развој, а не конфликти.
Членовите на Европскиот парламент (ЕП) усвоија резолуција во Стразбур во која се наведува дека напредокот на Србија кон ЕУ директно ќе зависи од зајакнувањето на владеењето на правото, нормализирањето на односите со Косово и усогласувањето со европската надворешна и безбедносна политика, што вклучува воведување санкции против Русија.
Во резолуцијата се изразува длабоко жалење што Србија не се приклучи на санкциите воведени од ЕУ кон Русија поради инвазијата на Украина и ги повикува новоизбраните власти во Белград итно да се придржуваат кон надворешнополитичките одлуки на ЕУ, вклучително и воведувањето санкции против Русија. .
Европскиот парламент ја повикува Србија да ги преиспита односите со Русија на полето на одбранбената политика и да ги прекине формите на воена соработка со Русија, се наведува во резолуцијата.
Идната влада во Белград е повикана недвосмислено да покаже посветеност на европските вредности, стандарди и правила, а пратениците повторно ја изразуваат својата загриженост за ограничениот напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал.