Гувернерот на Доњецк, Павло Кириленко повика 350.000 цивили да се евакуираат од источниот украински регион поради претстојните руски офанзиви.
Повикот следува еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин прогласи победа во соседниот регион, Луганск.
Се верува дека токму Доњецк е следната цел на Русите.
Извлекувањето на 350.000 цивили е „нужно за да се спасат животи”, смета Кириленко, како и да се „овозможи украинската војска полесно да ги брани градовите од руските офанзиви”.
– Судбината на целата земја ќе биде одлучена во Доњецк. Кога од регионот ќе се евакуираат цивили, војската ќе може да се сконцентрира на непријателот, истакна Кириленко.
Руските сили жестоко го бомбардираа Словјанск, град во Доњецк што се смета за клучна цел на руските сили, заедно со Краматорск.
Градоначалникот на Словјанск, Вадим Лика преку Фејсбук ги повика жителите на евакуација.