Папата Франциск изјави дека сака да им даде на жените повеќе позиции на највисоките нивоа во Светата столица и откри дека за првпат ќе назначи жени во досега целосно машкиот ватикански комитет кој му помага да избира бискупи ширум светот.
Улогата на жената во хиерархијата на Ватикан беше една од многуте црковни и меѓународни теми за кои разговараше 85-годишниот папа во интервју за Ројтерс одржано на 2 јули во неговата резиденција во Ватикан.
Новиот устав за централната администрација на Светата столица, кој стапи на сила минатиот месец, дозволува секој крстен католик, вклучително и мажи и жени лаици, да раководи со повеќето одделенија во Ватикан.
„Отворен сум да им дадам шанса (на жените)”, рече тој во дел од 90-минутното интервју во кое разговараше за новиот устав на централната администрација, познат како Римска курија.
Тој напомена дека минатата година за првпат назначил жена на втората позиција во раководството на Ватикан, со што сестра Рафаела Петрини станала највисоко рангирана жена во најмалата земја на светот.
„Две жени ќе бидат назначени за првпат во комитетот што избира епископи за Конгрегацијата за епископи”, рече тој.
Чекорот, кој официјално не е објавен, е исклучително важен бидејќи жените ќе имаат право на глас при назначувањето на владиците во светот, а тоа се мажи.
„На овој начин работите малку се отвораат”, рече Папата.
Тој не кажа за кои жени станува збор, ниту пак кога официјално ќе биде објавено нивното именување.
Членовите на одборот, сега составен од кардинали, бискупи и свештеници, обично се состануваат двапати месечно во Рим.