Пред Владата и денеска започна протест против францускиот предлог, каде се собраа граѓани со транспаренти на кои, меѓудругото, е испишано и мотото на овој протест „Ултиматум – Не благодарам”.
Ова е петти ден, како граѓани и дел од опозоциските партии го искажат своето незадоволство од францускиот предлог, за кој сметаат дека е штетен за државата и оти не ги штити државните интереси.
Пред почетокот на протестот, изјава за медимите даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ги повтори ставовите и барањата на партијата во однос предложените документи од ЕУ и апелираше за масовност на протестите, осудувајќи го насилничкото однесување на поеднинци.
Според најавите од пред Владата, протестниот марш треба да продолжи кон Министерството за надворешни работи, па се до Законодавниот дом.
– Полицијата има информации дека насилни протести можат да се повторат и вечерва, информираше утринава министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и додаде дека има група на луѓе која за вечерва подготвува молотови коктели.
Спасовски во објава на Фејсбук апелираше Апелирам до сите граѓани кои сакаат да изразат незадоволство преку протест, тоа право да го искористат на демократски начин и притоа да не дозволат да бидат изманипулирани, како што беа некои други и да нападнат полициски службеници или витални објекти.
– Секој напад ќе биде најстрого санкциониран. Посебен апел до сите политички субјекти во државата на одговорен однос, бидејќи тие се задолжени да бидат и најодговорни, наведува Спасовски, додавајќи дека протестот е демократско право и може да го организираат, но никако не смее да организираат насилства и рушење на државата и уставниот поредок.