Градоначалникот на Гостивар и генерал секретар на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари смета дека вчерашниот инцидент кај плоштадот на споменикот на „Скендербег” е провокација и „смислено сценарио на партиите на власт”.
-Ќе видите полицајци кои стојат и не реагираат, а плус има и луѓе блиски од ДУИ облечени во цивилна облека, рече Таравари на гостувањето во „Студио 10″ на телевизија 24.
Негов личен став е дека по вчерашното разрешување на в.д. директорот на „Комунална хигиена” – Скопје, чиј брат употреби пиштол во вчерашниот инцидент, Алијанса за Албанците треба да размисли за прекин на соработката со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
-Не оправдувам употреба на оружје, но да се провоцира? Луѓе сме, реагираме афективно. Лично мислам, а не во име на партијата, бидејќи има партиски тела кои ќе го кажат последниот збор, дека ваквиот начин на функционирање, не вреди да се одржува повеќе. Треба сериозно да разгледаме и лично сум за повлекување на соработката со Арсовска. Јас не знам дали е разрешен, ако е разрешен мислам дека тука завршува нашата приказна во Скопје, оти за да се разреши треба градоначалничката прво барем да нè консултира нас. Ова го зборувам лично, меѓутоа, денеска ќе имаме и партиски состанок, јас лично ќе побарам од претседателството, мислам дека овде завршува нашата приказна во Скопје со Данела Арсовска. После 12 навечер да разрешува директори, без да се консултира, тоа е неприфатливо,
кажа Таравари.
Таравари смета дека вчерашниот инцидент кај плоштадот на споменикот на Скендербег е провокација.
-Јас ги разбирам демонстрантите од македонските партиии и тоа е сосема легитимно, меѓутоа, логично е да протестираат пред институции, но протести да има и пред приватен хотел или во населба каде генерално живеат Албанци, ми изгледа провокативно. Ако ги видите ексклузивните видеа, не е дека не протестираат таму, хотелот една вечер претходно е демолиран од демонстрантите и тоа е пријавено во полицијата. Зошто баш овој хотел не ми е јасно. И вчера одредени луѓе одеа таму по вторпат да провоцираат. Јас не оправдувам оружје, меѓутоа, па и дома кај вас да дојде некој вандалски да се однесува, јас мислам сите сме луѓе и сите би реагирале, вели Таравари.



