Еден час беше блокиран регионалниот пат Штип-Велес кај селото Сарамзалино. Членови, симпатизери на ВМРО ДПМНЕ, Левица и граѓани кои се против францискиот предлог го блокираа патот, а се пропуштаа возила на Брзата помош, како и возила со патници на кои им треба лекарска помош. Пред присутните се обрати потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски кој се заблагодари што македонскиот народ е насекаде низ државата на барикади, улици и патишта,како што кажа, за да го каже наголемото и најгромогласно Не.
-Со овој предлог сакаат една асимилација да се направи, едно непочитување кон македонскиот народ. Ние сме тука сите заедно да кажеме не, не и не. Ова што сакаат да го направат е директно мешање на внатрешните интереси на Македонија, на она што ни е идентитет поради тоа што треба да се менуваат учебници, поради тоа што сакаат да ни ја сменат историјата, поради тоа што сакаат да се смени Устав за она да се направи што не сме. Ние не сакаме такво нешто. Ние сакаме слободна Македонија, сакаме ние Македонците да си го кажеме својот глас и не може ниту еден документ да не ништи, рече Мисајловски.
Посочи дека власта на еден како што вели нетранспарентен начин сака нивната консултација со сите општествени структури да ја пренесат и во Парламентот.
-Но, сакам да порачам дека Парламентот, Собранието не одлучува во овој момент апсолутно ништо. Ова е една парада, еден театар за да направат чек листа од Владата дека навидум има некакви консултации во Собранието. Но, знаете дека таму мнозинството е нивно, но и овој пат само за да покажат, не знам можеби пред Европа дека нешто еве и Собранието имало улога, вели Мисајловски.
Од протестот на регионалниот пат Штип-Велес, Мисајловски порача да се објави протоколот. Прашан дали и наредната недела ќе има блокади на регионални и магистрални патни правци во државата, Мисјловски со одговор дека продолжуваат со протестите во Скопје и низ градовите, а какви чекори ќе преземат ќе бидат објавени во наредниот период.