Во Прилеп наврнаа 25 литри, а во Крушево 23 литри дожд на м2, обилни врнежи ќе има и во текот на ноќта

До 16 часот во Прилеп наврнаа 25 литри дожд на метар квадратен, во Крушево 23, во Маврово и Пожаране 12, во Охрид шест, во Битола пет, во Тетово и Виница четири, во Демир Капија два, а во Скопје на Зајчев Рид еден литар дожд на метар квадратен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Врнежите од дожд проследени со грмежи, како што посочуваат од УХМР, почнаа попладнево во југозападните и јужните делови, а подоцна се проширија и локално беа во форма на невреме со интензивен пороен дожд и силен ветер. Во Штип ветерот достигнуваше до 60 км/час, а во Струмица до 45 км/час.

До крајот на денот времето ќе биде облачно со врнежи од дожд проследени со грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (над 35 л/м2), појава на град и силен ветер со брзина над 60 км/час. Обилни врнежи од дожд ќе има и во текот на ноќта. И во Скопје врнежите од дожд во делови од котлината повремено ќе бидат обилни и поројни проследени со грмежи и засилен ветер во форма на невреме, информираат од УХМР.

Времето утре ќе биде претежно облачно и свежо со врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат обилни (10 до 20 л/м2). Локално врнежите ќе бидат поројни проследени со грмежи и со услови за појава на град. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната значително ќе опадне во однос на денешната и ќе се движи од 18 до 24 степени.

Во Скопје времето ќе биде претежно облачно и свежо со врнежи од дожд, кој повремено ќе биде обилен и пороен. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде околу 17, а максималната ќе достигне до 19 степени.

Од недела следува период на претежно стабилно време со постепен пораст на температурата, потенцираат од УХМР.

Треба да знаете
Последни објави