Муслимански аџии се собраа на аџилак источно од Мека

Околу милион муслимански аџии се собраа денеска во мугрите на планината Арефат во Саудиска Арабија на бдение да се покајат за своите гревови и да се молат за мир во нивните татковини додека годишниот аџилак се приближува кон својата кулминација.

Аџии облечени во бели облеки се искачија на Брдото на милоста, од каде се гледа кон рамнината Арефат, каде што пророкот Мухамед го одржал својот последен говор.

„Се чувствувам многу среќно, чудно е чувството со духовната атмосфера. Ова е навистина многу добра духовна атмосфера”, рече 58-годишниот туниски аџија Афиф Ганми, пренсе Хина.

„Го молам Бога за добро здравје, без бедност, стабилност во сите држави и муслимански земји. За мојата земја Тунис, со Божја помош, да стане подобар економски, социјално и политички”, рече Ганми.

Аџиите ќе останат таму до зајдисонце, а потоа ќе одат во рамнината Музделиф, каде што ќе фрлаат камења по камените столбови, што го претставуваат ѓаволот. Ритуалното каменување, познато и како Џамарат, го одбележува првиот ден на Курбан Бајрам, празникот кој муслиманите ширум светот го слават в сабота.

Саудиска Арабија најави дека оваа сезона ќе прими милион аџии, главно од странство, по две години нарушени од пандемијата на коронавирусот, во кои властите дозволија само свои државјани да одат на аџилак.

Во текот на последната сезона на аџилак во 2019 година, последната пред пандемијата, приближно 2,6 милиони аџии ги посетија двете најсвети места на исламот, Мека и Медина, а околу 19 милиони извршија Умра, помал аџилак што може да се изврши во кое било време од годината.

Хани Џохдар, официјален претставник во саудиското Министерство за здравство, рече дека властите го користат системот за надзор за да забележат ширење на заразни болести и да ги предвидат здравствените ризици рано и брзо да интервенираат и да обезбедат поддршка.

Аџиите носеа нараквици и баркодови издадени од владата со лични податоци и се молеа со кренати раце кон небото.

„Нека е благословен Бог, нашиот Господ, кој ни помогна да го извршиме аџилакот по години обиди”, рече Фархана Амин, од Египет.

„Не можев ни да сонувам за ова”, додаде тој.

Треба да знаете
Последни објави