Шефот на државата Стево Пендаровски вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека на европските претставници им е срам затоа што Македонија го сменила името на државата, а Европската Унија не испорачала.
„Нив им е срам што државата која го промени своето име е единствена во светот, се уште не може да почне, не пак да заврши, преговори. Срам им е, не што ние чекаме 17 години, туку што чекаме со небулозни образложенија, надвор сме со небулозни образложенија. Ние имавме референдумско прашање во кое и ЕУ беше спомната еднакво и веднаш до НАТО членството“, вели Пендаровски.
Тој посочи дека НАТО испорачал, додека пак ЕУ не испорачала.
„Да не се залажуваме, бугарската блокада следеше откако веќе имаше некажана француска блокада која побара нова методологија, која ја носеа таму, да не кажам грубо ја квачеа, шест месеци и по која ден денеска, 3 години од 2019, ниту Србија ниту Црна Гора се уште практично не почнале да преговараат“, додава Пендаровски.
Сепак, според Пендаровски,Европската Унија се уште е најдобрата опција за Северна Македонија, бидејќи не можеме сами да се спротиставиме на глобалните трендови.
„Ние не сме со пропорции како Кина, па да речеме не ни треба здружување“, вели Пендаровски.
Според претседателот, има план до 2030 година сите шест земји од Западен Балкан да бидат дел од ЕУ.
Според него, ваков план од сите членки има Словенија.