Средба на палестинскиот лидер Абас со израелскиот министер за одбрана Ганц пред посетата на Бајден на регионот

Палестинскиот претседател Махмуд Абас и израелскиот министер за одбрана Бени Ганц се состанаа на Западниот Брег за да разговараат за соработката пред посетата на американскиот претседател Џо Бајден на регионот предвидена за наредната седмица.

Израелското Министерство за одбрана соопшти дека денешната средба во Рамала се одржала во позитивна атмосфера, фокусирана на безбедносната соработка и регионалните безбедносни прашања.

Ганц им посакал на Абас и на палестинскиот народ среќен муслимански празник Курбан Бајрам што започнува викендов, а била истакната обострана согласност за продолжување на безбедносната соработка за избегнување активности што би можеле да предизвикаат нестабилност.

„Абас ја истакна важноста од креирање политички хоризонт, почитување на потпишаните договори и запирање на акциите и мерките што водат кон влошување на ситуацијата”, објави преку „Твитер” абасовиот советник Хусеин ал Шеик.

Палестинскиот претседател, исто така, ја истакнал важноста од „атмосфера на мир пред посетата на Бајден, што е добредојдена”.

Ганц кој остана министер за одбрана во преодната израелска влада, минатата година неколку пати се сретна со Абас и најави мерки за подобрување на економските услови на Западниот Брег.

Мировниот процес е во застој повеќе од една деценија, а средбите на високо ниво меѓу израелските и палестинските лидери се ретки и се фокусирани на секојдневната економска и безбедносна соработка.

Се очекува американскиот претседател следната седмица при посетата на регионот да се сретне со највисоките израелски и палестински лидери.

Израелските медиуми повикувајќи се на изјава на палестински функционер, јавуваат дека Абас планира да претстави неколку барања по однос израелските воени операции на окупираниот Западен Брег, а пред се во врска со израелските напади во областа на градот Џенин во кои беа убиени десетици Палестинци, вклучувајќи ја и долгогодишната новинарка на „Ал Џезира” која имаше и американско државјанство.

Истрагата за смртта на новинарката Ширин Абу Аклех била на дневен ред и на средбата меѓу Абас и Ганц.

Треба да знаете
Последни објави