Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со Бишваџит Банерџи, експерт од областа на меѓународната монетарна политика, поранешен шеф на мисијата на ММФ, кој престојува во посета на државата по повод одбележувањето на 30 годишнината од монетарното осамостојување.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, јубилејот бил повод и за отворање на изложбата „В/редности и вредности” во Музејот на Народната банка, посветена на уметноста на македонските банкноти, а на која присуствувал и претседателот Пендаровски.
На средбата, двајцата соговорници разговарале за тековните глобални економски и финансиски предизвици, како и за реакциите на централните банки за време на кризите предизвикани од пандемијата на Ковид-19 и војната во Украина. Соговорниците размениле мислења за тековната монетарна политика во земјава, за предизвиците за периодот што следи и за општата економска состојба во државата.