Mијалков призна вина и доби три години затвор за „Империја“, ќе му бидат конфискувани 36 милиони евра

Сашо Мијалков, осомничен во истрагата „Империја“ за перење пари е осуден на три години ефективен затвор откако денеска призна вина во спогодба со обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, дознава СДК.

Поранешниот шеф на УБК ќе биде третиот осомничен што ќе постигне спогодба во случајот „Империја“, по бизнисмените Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ.

Судија за извршување на санкции деновиве треба да му даде упатен акт за во затвор, а на Мијалков му се конфискува недвижен имот од околу 30 милиони евра во корист на државата. Ќе му се конфискуваат и шест милиони евра готовина.

Мијалков најверојатно казната ќе ја одлежи во некој од скопските затвори, бидејќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, надлежните органи одговорија дека тој до денеска не ја сменил адресата на живеење.
За разлика од него, Камчев и Јосифовиќ од „Империја“, кои од први јули се в затвор, ги сменија адресите на живеење од Скопје во Охрид, за да одлежат во отвореното одделение во затворот во Струга.

Спогодбата за осомничениот во случајот „Империја”, Сашо Мијалков, е во тек. Детали во врска со истата, Обвинителството ќе објави наскоро, потврди за МИА, шефицата на на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Случајот „Империја” се води против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Тие се гонат поради основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Бизнисмените Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ, пак, своите спогодби во „Империја“ ги постигнаа кон крајот на април. Според тоа што официјално беше објавено од обвинителството, тие постигнаа спогодби за кривични дела до 2009 година – Камчев за злоупотреба на службената положба и овластување, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело. Двајцата се договорија на затворски казни од по една година, а од компанијата на Камчев беа уплатени и 5,2 милиони евра во државниот буџет.

Треба да знаете
Последни објави