ЗНМ бара итна реакција за заканата упатена кон новинар на ТВ Клан

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) преку соопштение до медиумите бара итна реакција за, како што посочува, експлицитната смртна закана упатена кон новинарот на ТВ Клан, Фуркан Салиу, која денеска е објавена од сомнителен профил именуван како „@narco_girl” на социјалната мрежа Твитер.

-Во објавата се посочува следната закана: „Посакувам залутан куршум од вчера да завршеше во главата на Фуркан Салиу” и истата претставува директен повик за убиство кон новинарот Салиу со што се загрозува неговата безбедност, потенцираат од ЗНМ.

Посочуваат дека оваа закана по животот на новинарот Салиу, ќе ја пријават до Министерството за внатрешни работи (МВР) и во исто време ќе инсистираат на брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на авторот или авторите на оваа закана.

-Укажуваме дека заканите по живот се кривични дела опфатени во Кривичниот законик за што е предвидена затворска казна за сторителите а МВР и ОЈО, треба веднаш да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина. Новинарите кои известуваат за прашања од јавен интерес потребно е да бидат заштитени кога нивната безбедност е загрозена, бидејќи во спротивност се поттикнува цензура и дела од омраза кон медиумските работници, истакнуваат од ЗНМ.

Треба да знаете
Последни објави