Од 15-ти до 17-ти јули во живописниот Галичник, на падините на планината Бистра, ќе се одржи 48. издание на автентичната културно-сценска манифестација „Галичка свадба”. За галички зет и невеста оваа година се избрани Илчо Димитров и Елена Дуровска, а карактеристично за годинешната манифестација е што покрај нив, во црквата „Свети Апостол Павле” во ист ден ќе бидат венчани и Искра Блажевска и Марко Бекриќ, додека Марија Крстевска и Владимир Черепналковски ќе го кажат судбоносното „Да” во Галичник на 28-ми август.
И овој пат покровител на Галичка свадба е Претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата е Министерството за култура.
Пивара Скопје и нејзините брендови и оваа година се дел од Галичка свадба, со што продолжува партнерството кое непрекинато трае од самите почетоци на манифестацијата, односно 48 години, а ќе продолжи и во годините што доаѓаат.
Инаку, годинешниот галички зет Илчо Димитров на прес конференцијата ја носеше личната носија на великанот на народната песна Александар Сариевски, кому годинава му се навршуваат 100 години од раѓањето и 20 години од смртта, а кој родум е токму од Галичник.