Чешката експертка за евроинтеграции, Јана Јузова која на вчерашниот форум во организација на Институтот за европска политика крена прашина во јавноста велејќи дека Чешка и другите ЕУ-земји не биле консултирани за францускиот предлог во врска со Бугарија и Македонија, денеска на Твитер ги демантираше силните насловите кои вчера одекнаа во македонските медиуми.
Јузова објасни дека нејзините коментари не се официјален став на Чешка, бидејќи таа не е претставник на чешкото МНР.
– Сакам да разјаснам дека моите коментари беа темелени на моето долгорочно истражување и мислење како аналитичар на политики кој го следи проширувањето на ЕУ и чешката надворешна политика и тие коментари во никој случај не ја претставуваат официјалната политика на Чешка, напиша Јузова на „Твитер”.
Јузова вчера беше онлајн учесник на форумот на ЕПИ, а во своето обраќање рече дека Чешка и земји-членки се вознемирени поради францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија.
– Според она што го слушнавме од чешкото МНР тие се многу вознемирени од Франција и Бугарија, а причината е што за предлогот не биле консултирани други земји-членки. Била консултирана само Бугарија, а останатите земји биле оставени во темнина, рече Јузова.
I would like to clarify that my comments were based on my long-term research and opinion as a policy analyst following the EU enlargement and CZ foreign policy and in no way represent the official positions of @strakovka or @mzvcr https://t.co/LLrjgaq9h2
— Jana Juzová (@jana_juzova) July 9, 2022