Струмичката полиција им праќа казни на демонстрантите што вчера го блокираа патот Струмица-Радовиш

Жан Дрвошанов од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица ја информира јавноста дека СВР Струмица во текот на денешниот ден доставува казни за учесниците на вчерашниот протест на патот Струмица-Радовиш.

СВР Струмица изготвила прекршочни платни налози со казна во висина од 35 евра за ,,паркирано возило” и 50 евра за ,,движење на пат” за учесниците на вчерашниот протест на патот Струмица-Радовиш. Полицијата денеска ги разнесува налозите по домовите. СВР Струмица претходно уредно добила најава за протестот и дозволи да се случи протестот обезбедувајќи го со голем број на униформирани лица. Доколку протестот во одредена смисла е незаконски СВР требало да го отфрли барањето и да ги предупреди граѓаните, наместо да ги препознава по снимки и според забележување.
Дали ова казнување по учество на протест на организатор и учесници го има некаде на друго место во светот?
Напишале во пријавата: ,,лицето се движеше по место резервирано само за возила (??)”
Казна до 1000 евра за луѓе кои очигледно не се организатори но, СВР по 24 часа одлучила дека ќе ги третира токму нив како организатори. Налог добиле дури и лица кои не биле на протест вчера.
Началството на СВР Струмица наместо да се бави со разоткривање на убиства и расчистување на дрогата во градот, мафијашките зделки и меѓународните криминалци тие фингираат прекршочни налози за граѓани кои отишле на протест.
Народот во Струмица не се плаши. Во струмичани живее духот на Делчев, струмичани ги паметат Петте струмички студенти, струмичани го памтат ќотекот на земјоделците во Куклиш од СДС.
И покрај сите малтетирања пак ќе излезат и ќе си бранат државата, ќе ја бранат нацијата, се вели во реакцијата на Дрвошанов.

Еден од граѓаните кои вчера присуствувал на блокадата на патот Струмица Радовиш, доби казна. Стојан од Струмица бил посетен од полицијата за да плати казна од 50 евра затоа што неговиот автомобил бил непрописно паркиран на протестот. „Не можев да поверувам дека нешто во ‘нашата земја’ може да функционира толку бргу и ефективно. Конечно ред и правда! Каква среќа“, напиша Стојан на својот фејсбук профил.

„ЕФЕКТИВНА, ЕКСПЕДИТИВНА И ЕКСПРЕСНА АДМИНИСТРАЦИЈА
Е ова е за пофалба!
Денес, околу 10 часот, во дворот, ме посетија неколку службеници на МВР – Струмица (полицајци во униформа, со паркирано возило на патот пред влезот на дворот, како да сум криминалец!), со цел да ми врачат казнени „честитки“. За волја на вистината, беа коректни, па на моето прашање зошто се тука, учтиво ми објаснија дека мојот автомобил незаконски бил паркиран на вчерашната протест-блокада на магистралниот пат Струмица – Радовиш (кај Василево), и поради тоа треба да платам казна во висина од 50 евра. И плус казна за моето лично присуство на блокадата, исто околу 50 евра. И, се разбира, дека ако платам во рок од 8 дена или веднаш, казната ќе биде на половина. Иако тоа, принципно, немаше да ја промени мојата одлука да бидам таму, никој од стотината полицајци што беа таму, не кажа дека тоа што се случува е противзаконски и дека за тоа следуваат казни.
Затекнат и збунет, не примив никаков документ, без претходно да се консултирам.
Не можев да поверувам дека нешто во „нашата земја“ може да функционира толку бргу и ефективно. Конечно ред и правда! Каква среќа! Уште повеќе се израдував кога слушнав дека не сум сам и дека сите кои биле на протестот добивале вакви „честитки“. Само, длабоко се разочарав кога сфатив дека само јас и мојот автомобил сме казнети. Каква неправда е што и моите две малолетни деца, не добија казна, а и тие беа таму!
Добро, бре, како не ви е срам?! Така ли мислите дека ќе го спречите автентичниот бунт што гори кај секој Македонец кој сака да го одбрани последното нешто што воопшто може да се одбрани од расипаните игри на т.н. европјани? Гнасната политичка игра што се одвива во нашите високи политички ешалони, играњето по европски ноти, виткањето грб пред асимилирачката политика на соседните држави, губењето на: името, идентитетот, јазикот, самопределувањето, историјата, традицијата, се нешта што со години вријат во секој Македонец и човек што држи до своето!
Овие бедни обиди за заплашување нема да ме спречат да го кажувам и понатаму своето мислење и да протестирам против себеуништувачките политики на високите политички врвови (наши и странски) и нивните антимакедонски дејствија! Напротив, така само потврдувате дека сум/сме во право и дека против ова зло треба да застанеме уште порешително!
Отпорот продолжува!
Да живее Македонија и се’ што не’ прави Македонци!“, вели тој.

Треба да знаете
Последни објави