ЈП „Водовод и канализација” –Скопје соопшти дека вчера нивни екипи при рутинска проверка на атмосферската канализација на ул.„Александар Урдаревски” кај мостот на реката Серава во општина Бутел, откриле вандалски чин, кој е на голема штета на претпријатието, но и на самите граѓани, како и опасност по нивната безбедност.
Од ЈП „Водовод и канализација” посочуваат дека при проверката на таа линија била установена кражба на капаците на шахтите, опожарување на шахтите, но и на самите цевки кои се дел од атмосферската канализација.
Веднаш по овие сознанија, случајот е пријавен во Општина Бутел и МВР од каде е извршен испекциски надзор и случајот е заведен од страна на надлежните институции.
Од ЈП „Водовод и канализација” – Скопје информираат дека нивни екипи изутрината ја оспособиле атмосферската канализациска линија со дијаметар на цевка ф1000мм, каде во текот на вчерашниот ден било утврдено извршување на вандалски чин и нејзино оштетување и обезбедиле непречен проток на атмосферска вода.
Во однос на овој случај, ЈП „Водовод и канализација” –Скопје, како што информираат, по службена должност ќе поднесе две пријави за сторено злодело, една за кражба и една за опожарување на атмосферската канализација.
Од ЈП „Водовод и канализација” – Скопје јавно и строго го осудуваат ваквото неодговорно однесување на групи на поединци, кои нанесуваат штета не само на претпријатието, туку и на граѓаните на град Скопје и претставуваат опасност за околината.